Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

ПРИНЦИП НА ОДРЖУВАЊЕ

Редовното одржување на турбокомпресорот е од пресудно значење за перформансите на моторот, потрошувачката на гориво и исполнување на барањата кои се поставени со прописите за емисија на штетни гасови. Покрај тоа што со редовното одржување се врши превенција од настанување на дополнителни трошоци предизвикани од големи дефекти на моторот, редовното одржување исто така го спречува деградирањето на перформансите на самиот турбокомпресор и ја одржува границата од преголемо оптеретување на турбополначот.

За да се спречат дефекти и евентуални оштетувања на турбокомпресорот и неговите компоненти, треба да се применува следното:

1. Редовна промена на моторното масло по спецификациите дадени од произведувачот на автомобилот

2. Редовна промена на филтрите за масло и воздух според спецификациите на произведувачот (доколку возилото се вози или користи во екстремни услови промената треба да се врши во двојно пократок временски период или да се консултира произведувачот или официјалниот сервисер за возилото)

3. При секој редовен сервис треба да се изврши визуелен преглед на усисниот систем, и ако се потврди дека постои нечистотија, истата треба да се отстрани

4. Мора да се користи гориво кое е наменето за возилото кое го користите, по спецификациите на произведувачот, поради тоа што во спротивно може да се јават одредени проблеми во работата на моторот а со тоа и турбополначот (доколу наместо еуродизел се користи нафта за домашна употреба или дизел со лош квалитет)

5. Во случај на замена на дотраениот издувен систем, треба да се придржувате на фабричките спецификации предвидени за конкретниот мотор (издувниот систе со помал пречник од фабричкиот може да биде причина за големи дефекти на турбополначот – пр. зголемување на повратниот притисок)

6. Кога се врши тјунирање на возило, треба да се внимава на максималниот број на вртежи на турбокомпресорот и неговиот притисок, поради тоа што во случај да притисокот во турбокомпресорот е поголем од дозволениот (што се предизвикува со тјунирањето и преголемиот број на вртежи) може да настане тотална хаварија и распаѓање на турбокомпресорот.